ОТВОРЕНО ПИСМО од ЗМП со предлози за подобрување на новата концепција за гимназиско образование

ОТВОРЕНО ПИСМО од ЗМП со предлози за подобрување на новата концепција за гимназиско образование

Повод Повикот за јавна дускусија за Концепција за реформи во гимназиското образование
Објавен на страната на БРО и МОН

Здружението на музички педагози на Македонија
по оддржаниот состанок на Управниот одбор 23.01.2025
на која детално се анализираше новопонудената реформа во гимназиското образование
донесе неколку заклучоци кои ги формулира во две предлог-решенија

ПРЕДЛОГ 1 – Нормативот/број на часови по предметот Музичка уметност во гимназиското образование,

ПРЕДЛОГ 2 – Нормативот и Статусот на воннаставните активности од областа на музиката – училиштен хор и оркестар

ПРЕДЛОГ 1 – норматив за бројот на часови во секој од четирите степени на гимназиско образование со кој предметот Музичка уметност е застапен – 2 часа неделно, во сите четири степени на гимназиско образование и во сите групи
До: Министерството за образование и наука на РС Македонија, проф. д-р Весна Јаневска, министерка за образование и наука во Владата на РС Македонија
Од: Членовите на Управниот одбор на Здружението на музички педагози
Почитувана г-ѓо Весна Јаневска,
Претседателот и членовите на Управниот одбор на Здружението на музички педагози на Македонија, професори и наставници во средните и основни училишта во Македонија, ја поддржуваат одлуката на МОН за реформа во гимназиското образование со цел подобрување на наставните планови, насочување кон личните афинитети на учениците, поттикнување на личната креативност, индивидуализиран пристап, интелектуалниот, емтивниот, етичкиот и моралниот развој на личноста на учениците, поддршка на мултикултурата и инклузивноста, тимската работа. Сметаме дека креативниот израз на учениците преку уметностите покрива голем дел од наброените цели и затоа учениците имаат право и треба секојдневно да имаат можност креативно да се изразуваат преку уметностите, развивајќи ја имагинацијата, интуицијата, а преку тоа учејќи се на работни навики.
Во интерес на просторот и времето, како членови на музичките педагози, директни учесници во процесот на реализација на музичката настава, со долгогодишно искуство, би сакале да издвоиме неколку размислувања врз основа на кои го донесовме овој предлог.

  1. Образованието од областа на уметностите е единствено и задолжително во секое училиште, а посебно во општообразовните училишта како што се гимназиите. Само уметничкото образование има моќ да ги развие емпатијата, емоциите, фантазијата, креативноста и им дава можност на учениците поцелосно да ја доживеат човековата природа, и е двигател и инспирација на изуми и иновации. Науката нé учи КАКО живееме, уметноста нé учи ЗОШТО живееме.
  2. Квалитетно, суштинско и целисходно музичко образование во корист на учениците, локалните заедници и државата. Секое дете има право на правилно музичко образование под надзор на соодветно подготвен музички педагог.
  3. Оптимално искористување на веќе постоечкиот потенцијал: расположлив соодветно образовен кадар (музички педагози), опремени кабинети со потребните наставни средства (инструменти, мини музички студија, озвучување, компјутерски софтвери, нотни збирки, книги).
  4. Суштински, а не проформа постоење на воннаставни музички активности, со цел создавање квалитетни, на високо ниво организирани и ефикасни училишни музички ансамбли (хорови и оркестри) што ќе бидат двигател на музичкиот живот во училиштето, општината и државата.
  5. Професионална и педагошка реализација на музичките педагози како наставници, ментори и диригенти со обезбедување пристоен живот и услови за работа на наставниците. Наставникот да има доволно часови во едно училиште за да може квалитетно да се посвети на реализација на наставата (а не да патува во три и повеќе училишта и да биде растргнат и оптеретен со повеќе хорови, оркестри, совети и други административни обврски), се разбира и соодветно нагреден и мотивиран.
    Затоа,
  6. Предлагаме 2 часа неделно во сите четири години и во сите групи на гимназиско образование (во концепцијата е предвиден 1 час во само три години).
    Со ова би се избегнало проформа музичко образование и би се постигнал елементарен квалитет. Содржините од областа на музиката соодветствуваат на многу факултети и учениците ќе бидат добро подготвени правен факултет (каде има предмет Авторско право), за технолошки и природно математички (звукот како универзален природен феномен, математика како основа на музичката писменост), медицина (музикотерапија), информатички факултети (музички софтери, звучни картици, фајлови), филозофски факултет (естетика, етика), теолошки факултети, педагошки факултети, драмски, етнолошки и археолошки, економски (музички менаџмент и маркетинг преку музика)…
    Со ова целосно би се ангажирал веќе постоечкиот стручно-педагошки потенцијал кој е подготвен или се подготвува на трите музички факултети во државата.
    Со предложените два часа неделно за музичка уметност, во сите години на гимназиското образование би се приближиле до идеалот и потребата учениците секојдневно да имаат барем еден час од областа на уметноста.
  7. Предлагаме континуирано музичко образование во сите години од гимназиското образование со што би се обезбедил квалитет и не би се направило прекин во континуитетот.
    Учениците во средните училишта во повеќето од градовите немаат друг начин да дојдат до музичко образование од причина што не постојат стручни музички училишта. Големи таленти и потенцијали кои биле соодветно педагошки водени во првите три години, со предложениот наставен план ќе бидат приморани да прават пауза во четвртата година. Исто така, учениците кои ќе решат да се запишат на музичкиот, педагошкиот или драмскиот факултет ја губат клучната година од нивното образование за подготовка за упис на факултет. Во моментов ЈУБ подрачјето даваше можност за континуирано образование, сега со новиот план учениците ја губат таа можност.
  8. Воннаставните активности како хор и оркестар да бидат задложителни за секое средно училиште со 8 часа за хор и 8 час а за оркестар. (ПРЕДЛОГ 2)
    Не смее да се дозволи училишните хорови и оркестри само формално да постојат во наставниот план. На нивното значање треба да се гледа многу пошироко во смисла дека во помалите градови, а некогаш и во поголемите тие се единствените ансамбли од таков вид. Моментално, нашите училишни хорски и оркестарски ансамбли се меѓу тие со најслаб квалитет во Европа и затоа инсистираме на оваа тема да и се посвети посериозно внимание и поголема поддршка. Главна причина за тоа е несоодветната поставеност на нормативот и статусот на овие активности во структурата на образовниот систем. Тука се учи културен и национален идентитет, мултикултурна интеракција, заедништво, тимска работа во која се согледува дека тоа што можат повеќе заедно, не го може еден и дека не е доволно еден да е добар, туку треба сите заедно да сме добри.
    Наставникот прави аудиција во СИТЕ класови, со цел ангажирање на оптималниот потенцијал/талентирани ученици за квалитетна работа на ансамблите. Музичките ансамбли не треба да зависат од желбите на учениците, родителите, наставниците, па дури и директорите, туку исклучиво од авторитетот на МОН и БРО. Македонија треба и може да биде држава во која ќе има многу музички ансамбли со кои сите ќе се гордееме и кои ќе бидат носители на бројни настапи, концерти и расадник за квалитетна публика и база за аматерски и професионални ансамбли на возрасни. Ние имаме традиција со која се гордееме, сега е потребно да се даде поддршка таа традција да продолжи и да се унапреди.
  9. Во одлуките поврзани со музичкото образование мора да бидат вклучени музички педагози со соодветно искуство во работата и кои знаат со какви технички и структурни можности и услови се располага и какви се современите потреби, проблеми и афинитети на учениците
    Во сите комисии при креирањето на нови концепции или други реформи мора да учествува искусен и докажан музички педагог. Ова, меѓу другото, покрај веќе наведените образложенија го предлагаме бидејќи често се среќаваме со многу нелогични ситуаци кога пред наставниците и учениците се поставуваат или банални и некорисни задачи или претешки и неизводливи. Се разбира тоа многу лесно би се надминало кога во таквите одлуки, поврзани со музичкото образование, задолжително би учествувале претставници од Здружението.
    Овие предлози Здружението веќе ги испрати на 16.01.2022 година до Министерството за образование, односно неколку години пред оваа реформа и тоа во многу поголем обем, во вид на Заклучоци од стручни дебати на ниво на музички факултети, реакции на поединци, музички уметници и педагози.
    Изразуваме чудење зошто нашите предлози не се земени предвид со оглед на тоа дека тие доаѓаат од стручно здружение на наставници кои директно се вклучени во процесот на музичката настава, кои најдобро ги познаваат потребите и проблемите од кои зависи успехот и реализацијата на предложената реформа, но и од универзитетски професори, диригенти, композитори и музички изведувачи.
    Ние нудиме, сакаме и бараме партнерство и соработка. Стоиме на располагање со нашето долгогодишно искуство. Заедно да работиме на подобро образование и поуспешни ученици со тоа и поуспешна држава. Да имаме секогаш предвид дека културата е најважна, таа е нашиот духовен идентитет. Државата, војската, полицијата и целиот административен апарат постои за да се штити, негува и промовира нашиот духовен идентитет – нашата култура.
    Искрено се надеваме на позитивен одговор овој пат и Ве поздравуваме со најоптимистичкиот поздрав „Да живее музиката!“
    Претседател
    м-р Александар Димоски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *